Големина на фонт Печати

Социјална Одговорност

„Евроинс“ три години спонзор на МКФ

Првиот човек на осигурителната фирма Јанко Николов посакува Македонија да се пласира во четврт-финалето

Осигурителната компанија „Евроинс“, која е дел од холдингот „Еврохолд“, кој е со седиште во Бугарија, а кој дејствува речиси на целиот Балкан, во следните три години ќе биде спонзор на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), а со тоа и на репрезентацијата на Македонија, која ќе настапи на претстојното Европско првенство (ЕП) во Полска (7-20 септември). Извршниот директор на „Евроинс“, Јанко Николов, и Даниел Димевски, првиот човек на МКФ, вчера го потпишаа договорот, со што ја озаконија соработката, која и досега траеше.

- Се надевам дека ова е само добар почеток на една плодна соработка помеѓу „Евроинс“ и МКФ. Потпишавме тригодишен договор, но се надеваме дека тој ќе биде продолжуван. Со ова само ја продолжуваме традицијата на „Еврохолд“, холдингот чиј член е „Евроинс“, за спонзорирање на спортот односно кошарката. Со години сме спонзори на екипа во Бугарија, која лани играше значајна улога во бугарското првенство, а „Еврохолд“ е и генерален спонзор и на Балканската кошаркарска лига (БИБЛ - н.з.), на што сме исто така горди - изјави Николов.

Првиот човек на „Евроинс“ на кошаркарите на Македонија им посака успешен настап на ЕП и им подари осигурителна полиса за време на континенталниот шампионат, со желба таа воопшто да не биде употребена односно сите да се вратат живи и здрави од Полска.

- На репрезентацијата на Македонија и посакувам сé најдобро во Полска, како и официјален дуел со Бугарија на ЕП. Тие што ја познаваат шемата на играње на првенството ќе знаат што и посакувам на македонската чета - дополни Николов, алудирајќи на тоа што Македонија и Бугарија на ЕП најрано би можеле да се сретнат во четврт-финалето.

Предраг Самарџиски, центарот на Македонија, од име на сите репрезентативци му се заблагодари на Николов за довербата што ја има во нив.

- „Евроинс“ не погреши што вложи во нас. На нивната доверба ние ќе вратиме со добри игри на ЕП. Македонија има квалитет за да се најде во вториот круг во Полска - изјави Самарџиски.

basket[1].jpg

Назад до врв